Ракометарките на Ѓорче Петров се вторите финалистки во Купот на Македонија, откако во вториот полуфинален двобој ја совладаа екипата на Чаир со 28-32. Ѓорче Петров во утрешното финале ќе се бори против Металург за 17 трофеј во Купот на Македонија, со оглед на тоа дека ги наследите и титулите од времето кога овој клуб се викаше Кометал ЃП.
Ѓорче Петров отвори со предност од 2-4, беше 4-4, пред избраничките на Симе Симовски да се одлепат на водство од 4-8. Во продолжение Ѓорче Петров ја одржуваше разликата, пред Чаир да ја преполови негативата до полувремето 12-14.
Стартот на вториот дел го одбележа црвениот картон на Бајра Бакиќ, по стартот над Ана Марија Коларовска. Овој невнимателен старт предизвика и мал прекин, откако на трибините, симпатизерите на двете екипи имаа вербален двобој што можеше да прерасне и во физичка пресметка, па мораше да интервенира и полицијата.
Берат Синани, дел од стручниот штаб на Чаир, исто така по реакција доби црвен картон од судиите Методија и Михајло Илиевски, па Чаир во еден момент мораше да игра со четири ракометарки. Чаирчанки намалија на 13-14, но потоа следуваа два брзоплети напади и Ѓорче Петров ги казни грешките за 13-18.
Чаирчанки не се предаваа, успеаја да се доближат на минус два, 16-18, но се чини дека немаа сили за комплетен камбек на мечот. Серија на Ѓорче Петров од пет гола за 16-23, а потоа имаа и плус десет, 20-30. Сепак искра надеж за Чаир донесе серијата за 26-30 по опуштањето на противничките, па Симе Симовски мораше да бара тајм-аут на пет минути до крајот.
Чаир намали и на 28-31, но немаше време за нешто повеќе, па Ѓорче Петров го обезбеди мечот за трофејот во Купот на Македонија. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Симона Стојановска со седум и Милица Николиќ со шест голови, а кај Чаир се истакна Теодора Дукоска со десет погодоци.
Ривал на Ѓорче Петров во утрешното финале ќе биде Металург, а натпреварот стартува од 17:00 часот.