Екипата на Ѓорче Петров славеше над Бор со резултат 28:25 на вториот натпревар од турнирот во нивна организација. Со победата против Бор, Ѓорче Петров обезбеди финале и ќе се бори за трофејот.
Избраничките на Оливер Димитриоски добро го стартуваа натпреварот и по неколку минути игра имаа водство од 2:0. Сепак, грешките во нападот и нереализираните акции на домаќинките беа причина за пресврт на теренот и водство на Бор од 3:2.
По конфузните минути и опуштеноста, Ѓорче Петров успеа да се консолидира и со серија од 3:0 се одлепи на два гола разлика, 5:3. Ракометарките на Бор не се предаваа многу лесно и по петнаесетина минути игра имаа повторно водство од 7:6.
Добрата игра на Бор беше причина за нивното највисоко водство од четири гола разлика, 12:8. Со двата гола на Василева, Ѓорче Пртров успеа да го намали водството на минус два негатива, 10:12. По 30. минути игра, Бор на полувреме замина со предност од 14:12.
Во вториот дел, Марија Николовска и Симона Василева беа единствените расположени на теренот кога нивната екипа фаќаше приклучок. Бор во текот на 40. минута дојде до три гола предност, 19:16.
Коларовска во 45. минута намали на 19:21, но обидите на нејзината екипа во следните напади беа без резултат. На десетина минути пред крајот, Ѓорче Петров намали на само еден негатива (21:22) и најави интересен финиш.
Стојановска беше прецизна од пенал за израмнување на резултатот, 22:22, а неколку секунди подоцна нејзините колешки одиграа трпеливо во нападот за преземање на резултатот, 23:22.
До самиот крај екипата на Ѓорче Петров го зголемуваше водството и своја поддршка имаше од голманката, Слободанка Кицеска која бранеше во солидно светло.
Најефикасна во составот на Ѓорче Петров беше Симона Василева со шест гола, по пет постигнаа Ана Марија Коларовска, Марија Николовска и Симона Стојановска. Во екипата на Бор, Мина Петровиќ беше прв стрелец со шест гола.