Актуелниот лидер кај дамите Ѓорче Петров не дозволи изненадување во 4. коло од плеј-оф фазата и на свој терен триумфираше против Чаир со осум гола разлика, 38:30.
Ѓорче Петров со новите бодови му се оддалечи на второпласираниот Чаир, сега има 28 бодови, додека Чаир остана на 21 бод.
Чаир пружи силен отпор во воведниот дел, во кој двата табора играа во егал. Избраничките на Симе Симовски влегоа во посакуваниот ритам кон средината на првото полувреме кога од 4:4 стигнаа на два гола разлика, 6:4, Од тој момент, домаќинот беше во резултатска предност, која на моменти изнесуваше максимални пет гола разлика.
Гостинките во последниот перид од првите 30 минути се почесто правеа грешки и никако не можеа да се вратат во игра. Ѓорче Петров ги имаше расположените Ризоска, Јанкулоска и Дукоска, и до крајот на натпреварот немаше поголеми проблеми да издвојува победа. Првото полувреме заврши во корист на Ѓорче Петров од 19:15.
Ракометарките на Љатифи потфрлија во вториот дел и дозволија домаќинот да доминира низ теренот. Играта на Чаир целосно се распадна, посебно во последниот период кога Ѓорче Петров започна осетно да ја зголемува разликата. Во 52-та минута, домашниот тим водеше со плус девет, 33:24. Ѓорче Петров во финишот имаше доза на опуштеност, но ракометарките на Чаир не успеаја да ја преполоват негативата.
Најефикасни во победничката екипа беа Ангела Јанкуловска со девет и Емилија Ризоска со осум погодоци. Кај Чаир се истакнаа Марија Николовска и Амела Џакмиќ, имаа по шест реализации.