Македонскиот шампион Ѓорче Петров на гостувањето на Исланд во рамки од второто коло од Европскиот Куп одигра само реми против КА Тор во првиот дуел, 20:20, иако во поголемиот дел од натпреварот беше во водство од три до четири гола разлика, а на минута пред крајот имаше и 20:18. На реванш натпреварот, кој ќе се одигра утре, Ѓорче Петров ќе мора да брка поволен резултат доколку сака да обезбеди пласман во следната фаза од Европскиот Куп. На вечерашниот натпревар Ѓорче Петров беше формално домаќин.
Во првите десет минути ракометарките на Симе Симовски имаа проблем и во нападот и во одбраната и не можеа да најдат решение за расположените ,,домаќинки” кои до 20 минута одржуваа минимално водство од еден до два гола разлика. КА Тор во воведниот дел поведе со 4:1, потоа кон средината на првото полувреме повторно имаше три гола разлика, 6:3, но не успеа да ја сочува предноста до самиот крај.
Македонскиот шампион во последниот период од првиот дел се врати во игра, направи пресврт и го сврте резултатот во своја корист. Ѓорче Петров во последните десет минути целосно го надира КА Тор и по водството на исландскиот тим од 7:6, македонскиот шампион израмни на 7:7, додаде уште четири гола, кои беа дело на Николовска, Николиќ и Јанкуловска, и на полувреме замина со водство од 11:7.
Тимот на Симовски на стартот на второто полувреме со голот на Ангела Јанкуловска зголеми на 12:7. Следуваше период, во кој тимот на КА Тор постигна два брзи гола, намали на 12:9 и не дозволуваше Ѓорче Петров да замине на поголема предност. На многу наврати екипата на Ѓорче Петров не успеа да го скрши отпорот на ,,гостинскиот тим”, зголемувајќи ја предноста од три до четири гола разлика и на дваесетина минути пред крајот имаше водство од 15:11.
КА Тор во последните десет минути сериозни се закани, откако, по водството на Ѓорче Петров од 17:13, успеа да намали на еден гол негатива, 17:16. Екипата од Македонија осум минути беше без постигнат гол и кризниот период го прекина Дамјаноска, која со својот втор гол му донесе на својот тим предност од 18:16.
Во последните пет минути имаше голема бркотница и борба на теренот. Иако Ѓорче Петров се наоѓаше пред победа, сепак, при водство од 20:18, КА Тор со два брзи гола успеа да израмни на 20:20 и да ги задржи шансите за пласман во следната фаза.
Најефикасни во екипата на Ѓорче Петров беа Анастасија Николовска со шест и Ангела Јанкуловска со пет гола. Реванш натпреварот е закажан за утре со почеток од 21:30 часот.