За десет дена по вторпат ракометарките на Ѓорче Петров го победуваат тимот на Вардар, овојпат во Купот 27-24 (17-13). Како домаќини на четвртфинална група Ѓорче Петров триумфално се пласираа на завршниот турнир од Купот и ќе атакуваат на трофејот. Ова беше и дерби во групите од Купот на Македонија, зашто двете екипи истовремено се борат и за титулата во првенството.
Неизвесно беше само во средината на второто полувреме кога „гостинките“ намалија на 23-22 во 44 минута најавувајќи можна неизвесност, па дури и пресврт. Но, кратко траеше надежта на вардарки, зашто многу брзо Ѓорче Петров направи серија од 3-0 и поведе со 26-22 со што веќе беше јасно кој ќе победи.
Целиот меч беше во знакот на ѓорчепетровки кои од самиот почеток наметнаа сопствено темпо и игра. Вардар единствено поведе со 1-0, а потоа со серија од 4-0 веќе по пет минути играње тренерот на вардарки, Драгана Ристевска беше приморана да бара тајмаут за совети. Но, тоа малку вроди плод, па продолжи да се задржува разликата од 3-4 гола која во еден момент стигна и до „плус 6“ за водство 13-7 за Ѓорче Петров.
Доминацијата на Ѓорче Петров не го обесхрабри ракометарките на Вардар кои на почетокот на второто полувреме иако имаа негатива од шест гола (13-18) полека почнаа да ја топат предноста, па прво намалија на 18-19, а потоа и на 22-23. Само што немаа сила да продолжат со ист ритам.
Победничкиот тим на Ѓорче Петров ја имаше расположената Ана Марија Коларовска кој деветпати ја погодуваше противничката мрежа (петпати од пенал), а Симона Стојановска постигна пет гола.
Во тимот на Вардар со шест гола најефикасна беше Катерина Дамјановска, од што три од пенал, а Ивона Трпевска постигна четири гола.