Ракометарките на Ѓорче Петров во декември ги очекува новиот европски предизвик, настапот во 3. коло од Европскиот Куп, па подготвувајќи се веќе договараат контролни средби со различни ривали со цел да бидат подготвени. Викендов тие патуваат на Косово каде ќе играат против Истогу.
Скопскиот тим го елиминираа исландскиот КА Тор во второто коло од третото по ранг европско натпреварување, за следен ривал го имаат тимот на Румс Јагс од Австрија. Тренерот на Ѓорче Петров, Симе Симовски поради ЕХФ паузата, односно Европското првенство, не можеше да смета на неколку ракометарки, а за натпреварот против Румс Јагс неизвесен е настапот на Теодора Дукоска и Мила Ѓорѓиевска поради повреда.
Со цел проверување на формата на секоја ракометарка, како и подготовка на физички и тактичко-технички план за дуелот против Румс Јагс, Ѓорче Петров ќе тестира против актуелниот шампион на Косово, Истогу, кој во споменатото европско натпреварување беше елиминиран од Чаир.
,,Извесен период не бевме комплетни на тренинзите, ни фалеа неколку ракометарки поради репрезентативни обврски, но од понеделникот сме на број, вклучувајќи ги повредените Теодора Дукоска и Мила Ѓорѓиевска, кои тренираат со кондициски тренер и сѐ уште е неизвесно дали ќе бидат спремни за настап на двата дуели против Румс Јагс. Не очекува пријателскиот натпревар против тимот од Косово, Истогу, не е исклучена можноста да одиграме уште неколку контролни натпревари против други екипи, а натпреварите од Суперлигата, кои ќе продолжат на 24 ноември, ќе ги искористиме за подобра подготовка за европските натпревари”, изјави Симовски.
Ѓорче Петров има голема шанса да го мине 3. коло во Европскиот Куп и да избори историски успех, пласман меѓу најдобрите 16 екипи. Сепак, Симовски е внимателен за дуелите против ,,анонимниот тим” од Австрија, кој според него не смее да се потцени.
,,Се работи за млада екипа, која во ниту еден случај не смее да се потцени. Проблем е тоа што немаме доволно материјали од нив, имам погледано само еден натпревар од австрискиот тим. Нормално, треба да ја искористиме својата шанса, да одиграме онаму каде што сме најјаки, во одбраната. Мислам дека ракометарките ќе може да одговорат на задачите од стручниот штаб. Што се однесува до амбициите во Европа, секогаш велам дека најважно е да имаме добра игра во дуелот, а резултатот сам по себе ќе си дојде. Има простор за напредок во играта, останува добро да се подготвиме и да го минеме и ова коло”, додаде Симовски.
Ѓорчепетровки на двата натпревари ќе бидат домаќини, а Симовски очекува голема поддршка од ракометните фанови.
,,Екипата е симпатична, ракометарките се трудат да го дадат максимумот на секој натпревар и очекувам симпатизерите на клубот и сите оние кои сакаат да гледаат ракомет да нѐ поддржат во овие два дуели. По славната генерација на Кометал ЃП која направи голем успех на европска сцена, следуваше некое затишје и клубот, кој е наследник на славниот Кометал, по пауза од една деценија повторно е на европска мапа. Се разбудивме од некој сон и овој момент секако дека треба да се искористи, одиме чекор по чекор”, заврши Симовски.
Натпреварите меѓу македонскиот и австрискиот тим ќе се играат на 10 и 11 декември во салата во Автокоманда.