Ракометарките на Ѓер и во реваншот од четвртфиналниот двобој од Лигата на шампионите триумфираа против Будуќност со 24:21 и обезбедија повторно место на Ф4 во Будимпешта. На овој натпревар Будуќност настапи без Итана Грбиќ, но и да беа сите на терен тешко можеше да се надомести бидејќи беше убедлив на првиот дуел со високи 30:19.
За разлика од првиот натпревар, во вториот, Будуќност покажа дека може да се носи со големите ривали и покрај тоа што играше со само една постава на терен. Избраничките на Бојана Поповиќ одиграа солидни 30 минути и заминаа на полувреме со предност од 11:10.
Во второто полувреме, екипата на Ѓер не дозволи премногу да има опуштање во нивните редови. Домаќинките во првите десет минути во вториот дел го израмнија резултатот на 15:15 преку Кристијансен. Отпорот беше скршен со голот на Викторија Лукач за 16:15 и од тој момент, Ѓер со своето поголемо исксутво го одржуваше водството до крајот на натпреварот.
Со двете победи против Будуќност, Ѓер си обезбеди повторно место на фајнал-фор турнирот во Будимпешта, додека екипата од Подгорица неславно ги заврши настапите во Лигата на шампионите.
Во победничката екипа четири ракометарки постигнаа по четири гола, Едуарда Аморим Талеска, Викторија Лукач, Ченге Фодор и Доротеја Фалувеѓи. Во составот на Будуќност, Јованка Радичевиќ беше најефикасна со седум гола.