Ракометарките на Ѓер го освоија утешното трето место и бронзениот медал на фајнл-фур турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта откако денес немаа никакви проблеми против ЦСКА Москва и славеа убедлива победа со 32:21.
Во своето дебитанско издание во Лигата на шампионите, ЦСКА сезоната ја завршува на 4. место.
По загубената шанса да ја брани титулата, Ѓер денес беше целосно фокусиран во натпреварот за третото место, а вчерашната средба која заврши со лош крај за унгарската екипа веќе беше минато.
Ракометарките на Ѓер имаа одлично прво полувреме и по пет минути игра имаа водство од 5:1. ЦСКА Москва играше лошо, посебно во одбраната и дозволуваше лесни голови во својата мрежа. Разликата постепено растеше за избраничките на Амрос Мартин, а во текот на 15. минута, Ѓер имаше и водство од 9:3.
Ѓер во втората половина од првиот дел ја зголеми својата предност и замина на полувреме со водство од 18:8. ЦСКА за 30. минути постигна само 4 голови од ракометарките кои играат на позицијата десен, лев и среден бек.
Унгарскиот тим покажа моќно издание во второто полувреме и секоја грешка на нивниот противник беше целосна казнета. Веќе во 42. минута резултатот беше плус 14 разлика за Ѓер, 26:12. Бидејќи победникот беше решен, шанса на теренот имаа и ракометарките кои добиваат помала минутажа од двете екипи.
Најефикасна во Ѓер беше Стине Офтедал со седум гола, додека во екипата на ЦСКА Москва, Елена Михаиличенко беше прв стрелец со четири гола. Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска во дресот на ЦСКА постигна три гола од четири обиди.