Поранешниот европски шампион, Ѓер ја продолжува серијата на победи во Лигата на шампионите и во денешниот натпревар против Одензе потешко од очекуваното дојде до минимална победа од 27:26.
Ѓер победата ја обезбеди во последните дваесетина секунди со голот на репрезентативката на Шведска, Лин Блом. Ракометарките на Ѓер со новите освоени бодови се зацврстија на лидерското место во својата група. Составот на Одензе пропушти голема шанса да се избори за повисок пласман во рамките од Групата Б.
Победа оствари и рускиот шампион ЦСКА Москва. Избраничките на Флорентин Пера беа убедливи на гостувањето кај Савехоф со 32:23. На овој натпревар во московската екипа не настапија неколку главни ракометарки меѓу кои и репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска.
Според информациите од ЦСКА Москва, Ристовска не била во комбинација за денешниот натпревар поради мала повреда. Сепак, ЦСКА Москва со одличната игра на Грос, Дмитриева и Михајличенко немаше проблем да дојде до убедлив триуф.
Француски Брест Бретањ на гостувањето во Копривница мина лесно против Подравка, триумфираше со 39:28. Со победата над Подравка, ракометарките на Брест Бретањ теоретски имаат шанса за преземање на второто место во Групата А.
Лидерот на табелата во Групата А, Есбјерг, моментално го задржа епитетот најдобар тим во својата група бидејќи на домашен терен славеше над унгарскиот шампион, ФТЦ Раил Карго со 33:27.
Натпреварот меѓу екипите на Мец и Крим е одложен.