Ѓер отиде по победа, но се врати со пораз од гостувањето во Норвешка

Во последното коло од групната фаза во Лигата на шампионите во женска конкуренција, актуелниот европски шампион, Вајперс Кристијансад уште еднаш покажа дека има противигра за Ѓер и дојде до победа од 30:29.

Победничкиот гол го постигна Изабел Гулден од пенал на речиси три минути пред крајот од средбата. Екипата од Унгарија не успеа во последните минути да обезбеди реми на овој дуел. Поразот од Вајперс Кристијансад за екипата на Ѓер е прв во оваа сезона.

И покрај поразот, екипата на Ѓер обезбеди директно учество во четврт-финалето во Лигата на шампионите бидејќи заврши на првото место во Групата Б. Ракометарките на Вајперс Кристијансад со освоената победа имаат 20 бодови, еден бод повеќе од третопласираниот Мец, кој има и натпревар помалку.

Мец утре го игра важниот дуел против рускиот шампион ЦСКА Москва. Доколку француската екипа не успее да обезбеди победа, тогаш ќе мора за четврт-финале да се бори преку осминафиналните елиминациски натпревари.

Ростов Дон на гостински терен го декласираше Брест Бретањ со 29:18. Со освоената победа, рускиот вицешампион директно патува во четврт-финалето.

Будуќност славеше против Подравка со 27:21 на домашен терен. Овој натпревар немаше никакво резултатско значење. Двете споменати екипи го завршија овогодинешното учество во Лигата на шампионите.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ЖЕНИ, РЕЗУЛТАТИ

ГРУПА А

БУДУЌНОСТ – ПОДРАВКА      27:21 (13:13)

БРЕСТ БРЕТАЊ – РОСТОВ ДОН 18:29 (9:17)

ФТЦ РАИЛ КАРГО – БОРУСИЈА ДОРТМУНД   23:21 (12:11)

ЧСМ БУКУРЕШТ – ЕСБЈЕРГ утре

ГРУПА Б

ВАЈПЕРС КРИСТИЈАНСАД – ЃЕР 30:29 (16:13)

ЦСКА МОСКВА – МЕЦ  утре

ОДЕНЗЕ – КАСТАМОНУ утре

КРИМ – САВЕХОФ утре