Ѓер не виде мака против преполовениот Будуќност

Унгарскиот шампион Ѓер славеше победа во Подгорица против Будуќност со резултат 21:26 во натпревар од 13-то коло во Лигата на шампионите. Будуќност без тренерот Бојана Поповиќ и со слаба ротација од клупата немаше многу опции за големо изненадување.

Унгарките тргнаа силно и веќе во првите минути имаа водство од 0:4. Будуќност првиот гол го постигна во 10-та минута од натпреварот, а нападите организирани од бековската линија Грбиќ, Пино и Мехмедовиќ беа без решение и најчесто завршуваа во рацете на голманката Амандин Лејно. Резултатот од 1:9 во 13-та минута беше јасен знак кој ќе победи.

На моменти на теренот играше и легендата на унгарскиот ракомет, Анита Гербиц која оваа сезона повеќе дели совети отколку што поминува време на терен. На полувреме резултатот беше 8:14 во корист за Ѓер.

Во вториот дел блескаше домашната голманка, Барбара Аренхарт која до 37-та минута имаше 13 одбрани и ги одржуваше своите колешки во игра. Будуќност фати приклучок со голот на Алисон Пино за 12:15 и шанса да се врати во игра. Брзиот ритам на Ѓер и техничките грешки на Будуќност беа причина за поразот. Ѓер до крајот на натпреварот рутински ја одржуваше разликата од четири до пет голови.

Најефикасна во составот на Ѓер беше Нзе Минко со шест погодоци. Во составот на Будуќност се истакна искусната ракометарка Јованка Радичевиќ која исто така беше стрелец на шест погодоци.