Ѓер на колена пред Мец, несреќен пораз на Локомотива од Будуќност

Ракометарките на Мец го направија најголемото изненадување во новата сезона во Лигата на шампионите и во рамки од 3. коло го изненадија европскиот вицепрвак, екипата на Ѓер, со победа од четири гола разлика, 28:24, во натпревар од групата Б.

Во споменатата група, црногорскиот шампион Будуќност на гостувањето кај Локомотива Загреб ја запиша втората победа во најквалитетното европско натпреварување, откако триумфираше со 25:24. Трите репрезентативки на Македонија во Локомотива Загреб, Андреа Седлоска, Сања Дабевска и Леонида Гичевска не успеаја да се запишат во листата на стрелци.

Крим предводен од екс ракометарките на Вардар, Јованка Радичевиќ и Барбара Лазовиќ рутински одигра против Бањик Мост, победи со 13 гола разлика, 42:29, со што се израдува на првата победа во Лигата на шампионите за оваа сезона.

Јованка Радичевиќ, Барбара Лазовиќ, Дарија Дмитриева и Сара Коварова беа најефикасни во Крим со по шест гола. На спротивната страна, односно во екипата на Бањик Мост најефикасна беше Адела Стришкова со осум реализации.

Сигурна победа оствари актуелниот европски шампион Вајперс Кристијансад, кој славеше над Оденсе од Данска со 34:27, додека Брест Бретањ го доби дербито против Ференцварош, 21:20. Победничкиот гол за Брест Бретањ го постигна репрезентативката на Црна Гора, Ѓурѓина Јауковиќ на десетина секунди пред крајот.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ЖЕНИ, РЕЗУЛТАТИ

ГРУПА А

БАЊИК МОСТ – КРИМ 29:42 (13:21)

ФЕРЕНЦВАРОШ – БРЕСТ БРЕТАЊ 20:21 (9:12)

ВАЈПЕРС КРИСТИЈАНСАД – ОДЕНСЕ 34:27 (16:10)

ГРУПА Б

ЛОКОМОТИВА – БУДУЌНОСТ 24:25 (14:13)

ЃЕР – МЕЦ 24:28 (14:18)