Екипата на Ѓер, која не успеа да ја освои титулата во Лигата на шампионите откако во финалето на Ф4 турнирот во Будимпешта беше поразена од Вајперс Кристијансад, преку својата официјална страна ги потврди заминувањата на репрезентативката на Романија, Крина Пинтеа и голманката на Франција, Лора Глосе.
Иако кружниот напаѓач од Романија имаше активен договор со унгарскиот шампион, сепак, двете страни спогодбено го раскинаа договорот. Искусната репрезентативка на Романија како главна причина за нејзиното заминување од Ѓер ја истакна осаменоста во Унгарија.
„Се најдов во многу тешка ситуација, бидејќи поради промените во мојот личен живот, речиси една година живеев сама во Ѓер. Бев исцрпена, иако моите колешки ми даваа поддршка. Но, многу ми беше тешко да се носам со ситуацијата и ми треба поддршката од моето семејство. Иако Ѓер е најдобриот клуб во светот, не можам да играм подалеку од моите најблиски. Благодарна сум им на раководството на Ѓер што ја прифатија мојата одлука“, изјави Пинтеа за клупската страна на Ѓер.
Пинтеа во сезона 2018/19 со Ѓер ја освои Лигата на шампионите, потоа две сезони играше во ЧСМ Букурешт, а минатото лето повторно се врати во Ѓер. Според романските медиуми, Пинтеа е блиску до договор со ЧСМ Букурешт.
Актуелен договор со Ѓер имаше и голманката Лора Глосе. Французинката во Ѓер беше трета голманка по Силје Солбер и Амандин Лејно и поради малата минутажа во претходните две сезони одлучи да го напушти унгарскиот тим.
„На Лора не и се допадна минутажата во претходните сезони. Нејзиното барање да замине е прифатено, таа може да направи трансфер во друг клуб“, изјави претседателот на Ѓер, Анита Гербиц.
Нова голманка во Ѓер од следната сезона ќе биде репрезентативката на Данска и членка на Брест Бретањ, Сандра Тофт. Во клубот се очекува да пристигнаат уште три до четири нови засилувања. Од Ѓер заминува и екс голманката на Вардар, Амандин Лејно која стави крај на својата кариера, a ниту Ноеми Хафра не е задоволна со минутажа, а бремени се Кари Братсет и Јелена Деспотовиќ, па нема да играат наредната сезона