Ѓеоргиевска броеше до 11, Чаир убедливо против дебитантот

Ракометарките на Чаир продолжуваат во победнички ритам во Женската лига, откако во натпревар од 13. коло од групата А запишаа рутинска победа против дебитантот, тимот на Скопје, со резултат 41:27.

Иако Чаир на овој натпревар настапи без носителот на играта, левиот бек Теодора Гулицоска, избраничките на Басри Љатифи немаа многу проблеми против ривалот и денешната задача ја завршија уште во првото полувреме.

Екипата на Скопје во ниту еден момент не беше рамноправен противник и освен почетните 1:1, се друго мина во знакот на расположените ракометарки на Чаир, кои ја казнуваа секоја грешка на гостинската екипа. Чаир на полувреме замина со предност од плус 14, 24:10.

Скопје во продолжението се обидуваше да намали дел од резултатската негатива и да се избори за пристоен пораз, но големиот број на технички грешки во текот на сите 60 минути беа причина за високиот пораз.

Најефикасна во победничката екипа беше Стефанија Ѓеоргиевска со 11 погодоци. Кај Скопје се истакнаа Јасмина Попова, Нина Неделковска и Росана Павлова со по шест реализации.