Тимот што го елиминира Бутел Скопје од Лигата на Европа, Ѓенѓеш, имаше голема шанса да се врати со победа од гостувањето кај Веспрем, но избрзаа во последниот напад. Бодовите останаа кај избраниците на Давид Дејвис кои прославија триумф со 26-25.
Веспрем, за кој денеска не настапи македонскиот репрезентативец Дејан Манасков, имаше комотна предност во текот на мечот од пет погодоци.
Но како одминуваше времето, така упорниот Ѓенѓеш се враќаше во игра и на шест минути до крајот поведе со 23-24. Две одбрани на Коралес беа доволни за пресврт и 25-24.
Гостите израмнија на 25-25, пред Лекаи да промаши во следниот напад. Шансата на Ѓенѓеш за победа ја пропушти Уборњак, односно Коралес одбрани. Имаше уште шест секунди до крајот, а сега Лекаи не згреши и донесе победа за Веспрем, 26-25.
Најдобар стрелец кај Веспрем беше Мае со пет голови, додека Коралес забележа 19 интервенции. По подолго време на теренот се врати и екс вардарецот Шишкарев, кој даде два гола.