Македонските претставници во Бундес лигата имаа тешки натпревари во рамки на 23. коло од најквалитетната лига во светот. На терен беа Филип Кузмановски, Филип Талески и Жарко Пешевски.
Единствен кој се израдува на победата беше Пешевски, кој со својот тим Штутгарт стигна до важни два бода на тешкото гостување кај Мелсунген со победата од 26:21. Гостите на овој меч имаа постојана контрола на резултатот, а на полувреме имаа предност од 13:9. Репрезентативниот пикер на Македонија постигна еден гол од два обиди.
Вецлар беше домаќин на Рајн Некар и во многу израмнет и неизвесен натпревар екипите ги поделија бодовите. На полувреме гостите имаа минимална предност од 18:17 која не ја сочуваа до крај. Во последниот напад гостите имаа можност да стигнат до победата, но акцијата за крило не помина и натпреварот заврши без победник 27:27. Филип Миркуловски еднаш се запиша во листата на стрелците, а имаше и три асистенции.
Филип Талески имаше лоша вечер со Балинген на гостувањето кај Ерланген, каде што по 20 минути имаа негатива од 7:14. Во продолжението успеаја да се доближат, но не и да ја загрозат победата на домаќинот. Ерланген славеше со 32:27, додека на полувреме беше 17:13. Филип Талески постигна еден погодок и запиша две асистенции.
На другите натпревари Фленсбург го победи Нордхорн со 29:27, а Гепинген пред своите гледачи славеше против Бергишер со 28:22.