Легендарниот голман Арпад Штербик, кој три сезони го бранеше голот на Вардар, оваа сезона ќе ја заврши богатата кариера. Тој освои се што може да се освои и на клупски и на репрезентативен план, а се збогува иако има уште што да покаже на теренот.
Штербик освои многу трофеи во Македонија, Шпанија и Унгарија, првенствени и куп, четири пати беше на европскиот клупски врв, а со Шпанија стана светски првак во 2013 година и европски во 2018 година.
„Одлуката ја донесов уште пред да почне пандемијата, а коронавирусот само го забрза процесот на објавување. Најлошо од се е неизвесноста, не знаеме кога се ќе заврши и дали ќе можеме да ја довршиме сезоната. Сопругата ми вели, па ти можеш уште да играш. Знам дека можам, но не сакам. Сите мои врсници сега се тренери или клупски директори, мал е бројот на оние кои се уште играат. Знам дека е дојдено времето да се каже збогум“, вели Штербик.
Тој е сигурен дека нема да биде тренер, а најави дека сака да се занимава со правење вино, нешто што веќе го прават со успех двајца поранешни членови на Вардар – голманот Петар Ангелов Диви и Младен Ракчевиќ.
„Нема да бидам тренер, тоа е најтешката професија. Константен стрес и патувања, тоа не е за мене. Изморен сум од чести патувања и селидби. Сакам малку да уживам во животот, имам винарија во близина на Балатон, татко ми прави убаво вино, се надевам дека ќе тргнам по негови стапки“, открива Штербик.
Ангелов во моментов е член на суперлигашот Пролет, a во родното Кавадарци има мала винарија, додека Ракчевиќ во селото Смоковци близу Цетиње, исто така има сопствена винарија.