Ракометарите на Текстилец ја остварија првата победа во новата сезона во Првата лига, откако славеа на гостувањето кај составот на Бисинов со 29-28 со пресврт во последните минути.
Во првото полувреме доминираа гостинските ракометари. Водеше Текстилец и со плус три гола, 7-4, но во финишот нивната реализација затаи. По предност од 10-8, следуваше комплетен пресврт. Избраниците на Никола Бисинов, погодија четири пати во серија преку Станчев, Славков и Вељановски за 12-10 и предност на велешани на паузата.
Во вториот дел Бисинов водеше со 16-14, но штипјани направија пресвт и со серија од пет гола за 19-16 ја преземаа контролата на теренот. Имаа и плус четири, 22-18 но се чини дека предвреме почнаа да слават.
По нивното водство 27-25, за две минути ракометарите на Бисинов постигнаа три гола и веќе беше 28-27. Израмнија штипјани на 28-28, домашните пропуштија шанса од контранапад, па нивната грешка во последната минута ја казни Петров за 29-28.
Остана уште кратко време за домаќините, кои не успеаја да организираат напад и Текстилец се израдува на полн плен од Велес. Најдобри стрелци во штипскиот тим беа Жарко Мирчевски со девет и Александар Димитров со шест гола, додека кај Бисинов се истакнаа Давид Славевски со шест и Александар Ристовски со пет погодоци.