Македонската интернационалка Марија Штериова, е пред трансфер во богатиот клуб од Турција, Кастамону, пренесуваат турските медиуми.
Искусната ракометарка, која откако си замина од Вардар започна да гради интернационална кариера, има настапувано токму за актуелниот шампион на Турција.
Штериова дресот на Кастамону го носеше во сезона 2016/17 и по една сезона помината на турско тло одлучи да замине во романскиот шампионат.
Левиот бек во Романија настапуваше за Баја Маре, Глорија Бузау и Дунареа Браила. На интернационално ниво беше дел и од унгарските суперлигаши Вац и Алба Фехервар, како и од норвешка Волда.
Во Македонија играше за Кометал ЃП, Еуростандард ЃП, Жито Прилеп и Вардар. Со тимот на Вардар во сезона 2013/14 забележа настапи во Лигата на шампионите.
Кастамону во претходните две сезони играше во европската елита. Во новата сезона ќе биде дел од Лигата на Европа.