Интернационалката Марија Штериова имаше повторно забележителен настап во Романија и со девет постигнати погодоци беше предводник во победата на Глорија Бузау против Глорија Бистрица со 30:22 во натпревар од 14. коло.
Глорија Бузау со новите освоени бодови стигна до 4. место на табелата. Во моментов екипата на Марија Штериова има 28 бода, три помалку од третопласираната Валчеа, која има далеку поголем буџет и поголеми амбиции.
Другите ракометарки од Македонија во шампионатот на Романија, Сања Дабевска, Елена Ливриниќ и Јована Саздовска, заедно со нивните екипи забележаа порази во 14. коло.
Екипата на Дева, во која настапуваат Сања Дабевска и Елена Ливриниќ, беше немоќна на гостувањето во Букурешт кај Рапид и доживеа голем пораз од 33:20. Дабевска и Ливриниќ постигнаа по еден погодок во противничката мрежа.
Поранешната ракометарка на Металург, Вардар и Турингер, Јована Саздовска заедно со Дунареа Браила беа поразени од Залау со два гола разлика, 24:26. На овој натпревар, Саздовска постигна еден гол од два обиди.