За првпат во историјата Србија доби селектор странец. Селекторската позиција од Ненад Перуничиќ ја презема Шпанецот Тони Херона.
Херона во овој момент работи во француското првенство во екипата на Шарт, каде што настапува српскиот репрезентативец Вања Илиќ. Нивната соработка ќе продолжи и во репрезентацијата, а левото крило го истакна задоволството од ангажирање на селектор Шпанец.
„Веднаш штом беше избран за селектор ми испрати порака дека ќе соработуваме уште долго. Искрено се радувам што ваков тренер ќе биде член на нашиот национален тим, ние го заслужуваме тоа. Тони како и сите шпански тренери 24 часа мисли на ракомет. Постојано работи на тактиката и усовршувањето. Мислам дека ќе биде од голема корист на нашиот млад тим“, рече Илиќ.
Поранешното лево крило на Металург уште еднаш го истакна задоволството од ангажирање тренер Шпанец, и напомена дека во последните години тие се најуспешните тренери. Дали предводат клуб или репрезентација успехот е загарантиран.
„Нивниот акцент е на тактиката. Тренинзите буквално се цртаат, на секој играч му кажуваат што треба да прави. Толку ги внесуваат играчите во натпреварот што би можеле да играат и со врзани очи. Тие се толку многу посветени на ракометот и тоа што Херона стана селектор е еден голем плус за нас. Тони се занимава со детали, ги проучува противниците и максимално се подготвува за секој натпревар. Едноставно кога ќе отидеме на натпревар ништо не може да не изненади. Доколу го даваме максимумот на секој натпревар имаме шанса за победа“, заврши Илиќ.
Првиот предизвик на Тони Херона на клупата на Србија би требало да бидат квалификациите за Европското првенство во 2022 година.