Шпанија забележа убедлив триумф со 33:26 над репрезентацијата на Германија во дуелот помеѓу екипите кои остварија победи во првото коло во групата Ц.
Шпанците имаа фуриозен почеток на мечот, поведоа со 8:2 и најавија триумф уште во раната фаза. Сепак, Германците не се предадоа и до крајот на првите 30 минути ја намалија негативата на минус три, 11:14.
Во продолжението разликата од првиот дел беше актуелна до 42. минута кога повторно Шпанија отиде на плус пет. Перез Де Варгас беше одличен на голот и голема пречка за ракометарите на Германија. Искусниот тим на Шпанија до крајот само ја зголемуваше разликата за конечна убедлива победа.
Најефикасен во тимот на Шпанија беше Алекс Душебав со седум гола, додека во тимот на Германија Пекелер беше најпрецизен со пет гола.
Третиот ден на првенството го доноесе второто големо изненадување на Европското првенство. Фаворитот на турнирот Данска, беше изненаден од Исланд кој славеше со 31:30.
Натпреврот беше постојано неизвесен, ниту една екипа не можеше да стигне до повисока предност од три гола. Најчесто беше нерешено, а така беше и на полувреме 15:15.
Во продолжението двете екипи се менуваа во водстово и натпреварот влезе во неивесна завршница во која подобро се снајдоа ракометарите на Исланд.
Во завршните минути Јакобсен се обиде со игра седум на шест, но и тоа не одеше. Густавсон одбрани, а во следниот напад исланѓаните погодија за 31:29 во 59. минута. Данска намали на 30:31 и имаше напад за израмнување, но не успеа да реализира.
Најефикасен во тимот на Данска беше Микел Хансен со девет гола, но немаше доволна поддршка од колегите за триумф на овој дуел. Арон Палмарсон беше вистински предводник во победата на својата екипа со десет гола.