Репрезентацијата на Шпанија го освои првото место на Европското младинско првенство во Португалија, откако со пресврт во последните десет минути го совлада домаќинот, со резултат 37:35 (15:16). Иако во последниот период од натпреварот делуваше дека Португалија ќе биде шампион на младинскиот континентален собир за ракометари до 20 години, сепак, репрезентацијата на Шпанија се надмина себеси и успеа да ја оствари зацртаната цел.
Ниту една од двете репрезентации во првите 30 минути не успеа да се одлепи на поголема предност од два гола разлика. Шпанија во поголемиот дел од првото полувреме беше во водство, но не успеа да го сочува до крајот на првиот дел. Португалија со погодоците на Оливеира и Соуза поведе на стартот со 2:0.
Репрезентацијата на Шпанија од 5 минута го презеде водството и одржуваше резултатска контрола до 25 минута. Во тој период водеше со еден-два гола разлика и во последните пет минути од првиот дел дозволи домаќините целосно да се вратат во игра и да се борат за освојување на златниот медал. Првото полувреме заврши со резултат 16:15 за Португалија.
Шпанија на почетокот на второто полувреме преку сите можни варијанти се обидуваше да фати приклучок и да се врати во игра, но секоја акција завршуваше без успех. Португалија во вторите 30 минути започна да се одлепува на сериозна резултатска предност, водеше со два-три гола разлика, а во 40 минута дојде и до плус четири, 26:22.
Предноста од четири гола разлика беше сочувана до последниот период од натпреварот, во кој „црвената фурија“ конечно дојде до егал намалувајќи на само еден гол негатива, 32:31.
Ракометарите на Португалија за само една минута го срушија сето она што го создаваа во текот на целиот натпревар, па така Шпанија направи целосен пресврт, израмни на 32:32 и на седум минути пред крајот дојде до водство од 33:32. Во клучните моменти Шпанија не дозволи Португалија да дојде до евентуално израмнување, иако домаќините имаа неколку шанси да го направат тоа.