Шпанија со пресврт во последните минути го освои златото на Медитеранските игри

Репрезентација на Шпанија го освои златниот медал на Медитеранските игри во Алжир, откако во финалето ја совлада репрезентацијата на Египет со 28:27. Шпанците во последните минути направија пресврт и со серија од 3:0 го освоија првото место.

Ракометарите на Жорди Рибера добро го започнаа натпреварот, поведоа со 1:4, имаа и 2:5, но до крајот на првото полувреме не успеаја да го задржат водството на свое конто. Во репрезентацијата на Египет се разбрани екс голманот на Еурофарм Пелистер, Карим Хендави, се разигра десното крило Мохамед Санад, кој ја водеше својата репрезентација до пресврт, а одбраната на „фараоните“ вроди со плод, па така Египет во последниот период од првото полувреме беше подобрата репрезентација на терен.

По водството на Шпанија од 6:7, следуваше серија на Египет од 4:0 за целосен пресврт, односно за водство од 10:7. Шпанија не можеше да се врати во игра и му дозволи на Египет да се одлепи на пет гола разлика, 15:10. По 30 минути игра, резултатот на полувреме беше 16:13 во корист за египетската репрезентација.

Египет за неколку минути игра во второто полувреме повторно дојде на плус четири гола разлика, 19:14. Шпанија беше под голем притисок за камбек во натпреварот, намали на 19:18 и се врати во игра за освојување на златниот медал. Ракометарите на Египет во 45 минута имаа плус два, 23:21, а Шпанија со два гола во низа го израмни резултатот на 23:23 и во последните десет минути се влезе во неизвесна завршница.

Во неколку наврати Египет успеваше да одржи минимална предност од еден-два гола разлика. Иако ракометарите на Египет имаа водство од 27:25, Шпанија со двата погодоци на Јан Тарефата го израмни резултатот на 27:27 на две минути пред крајот. Во последните секунди, Иманол Гарсиандиа постигна гол за голема радост на шпанската репрезентација и освојување на златниот медал.