Шпанија по четири продолженија ја совлада Норвешка со 35:34 и се избори за полуфинале во најдраматичниот натпревар досега одигран на шампионатот.
Репрезентацијата на Норвешка добро го „отвори“ дуелот со Шпанија и по 10 минути игра водеше со 6:2, но Шпанците брзо фатија ритам и во 16.минута беше нерешно 7:7, за по второто изедначување 9:9, во 21.минута да поведат со 10:9. Но, Норвешка брзо се врати на вистинската патека и со серија од 4-1 дојде до водство на полувремето од 13:11.
На почетокот на вториот дел Шпанија изедначи на 13:13 и потоа до 40.та минута се играше гол за гол. Во една таква игра ниту една од репрезентациите не успеавше да се одлепи. Норвешка последен пат имаше + 2 (17:15), а откако Шпанците изедначија 17:17 ниту една селекција немаше повисоко водство од еден гол. Во 50.та минута Кањелас промаши седмерец за Шпанија, а потоа Бергеруд со уште една одбрана донесе водство од 24:22. Шпанија сепак по одбраната на Де Варгас успеаја да се вратат резултатски и во 54.минута да изедначи на 24:24.
Норвешка успеа да дојде до водство до 25:24 за драматична завршница. На 20 секунди до крајот голманот на Норвешка, Бергеруд го одбрани ударот на Алекс Душебаев. По тајм аутот Норвешка во нападот направи чекори и потоа Шпанија пред звукот на сирената постигна гол за нерешено 25:25 и продолженија, а стрелец беше Даниел Душебаев.
Во првото продолжение се играше повторно гол за гол, а Де Варгас и Бергеруд имаа одбрани. Драмата продолжи и во второто продолжение. Најпрвин Шпанија поведе со 29:28 преку Алекс Душебаев, а во тој период Де Варгас имаше две одбрани. Сепак неговите соиграчи не го искористија тоа и по грешката, Норвешка преку Бјенсен изедначи на 29:29 на 10 секунди до крајот. Шпанија на крајот имаше само удар од 9.метри откако О Саливен беше исклучен на две минути.
Следуваа уште две продолженија по 5 минути. Но, повторно иста слика ниту една репрезентација не успева да дојде до два гола предност. На 45 секунди до крајот на последното продолжение Даниел Душебаев погоди за 35:34. Последниот напад на Норвешка не го реализираше Бјенсен, односно Де Варгас одбрани.
Јунак на победата на Шпанија беше голамнот Де Варгас со 16 одбрани, а во решавачките моменти клучните голови ги постигна Даниел Душебаев.