Со измена во кандидатурата за Европското првенство во машка конкуренција во 2028 година односно здружената кандидатура меѓу Шпанија, Португалија и Швајцарија дојде до измена и во конкуренцијата за ЕП 2026, па сега за сите првенства во машка и женска конкуренција има само по еден кандидат.
Швајцарија беше противкандидат на Данска, Шведска и Норвешка за ЕП 2026. Трите скандинавски земји заеднички тргнаа по шампионатот во машка конкуренција, а Швајцарија очигледно увидувајќи дека ќе нема шанса одлучи да им се приклучи на Португалија и Шпанија (тие заедно конкурираа за ЕП 2028) и така да добие организација на шампионатот во 2028 година.
Како што стојат сега работите машките сениорски првенства веќе имаат домаќини односно истите ќе треба само да бидат потврдени на Вонредниот конгрес кој ќе се одржи на 20 ноември во Виена.
Доколку земјите кандидати добијат зелено светло тогаш ЕП во 2026 година ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка, а Европското првенство две години подоцна во Шпанија, Португалија и Швајцарија.
Кај дамите ЕП 2026 година треба да се случи во русија, додека во 2028 година домаќините би биле исти како ЕП 2026 кај мажите. И тука скандинавските земји имаат заедничка кандидатура. Норвешка, Данска и Шведска ги имаат здружено силите.