Шпанија од готово си направи вересија и загуби од Полска

Репрезентацијата на Полска се израдува на првата победа на Европското првенство, откако во натпревар од 2. коло од групата Д, која се игра во Подгорица, со пресврт дојде до триумф против Шпанија со 22:21. За Шпанија денешниот пораз без втор на континенталниот собир. Шпанките во првото коло беа поразена од Црна Гора.

Шпанија во најголемиот дел од првото полувреме имаше резултатска контрола и во неколку наврати водеше со три гола разлика (7:4, 8:5, 9:6). Ракометарките на Полска не се откажуваа, кон финишот на првото полувреме фатија приклучок и откако имаа негатива од 12:10 успеаја со два гола во низа да дојдат до израмнување на резултатот (12:12), па така резултатот во СЦ ,,Морача” по 30 минути игра беше нерешен.

Полска лошо стартуваше во вториот дел и од 33 минута, па се до 45 минута не постигна гол. Шпанија во тој период беше доминантна на теренот и доаѓаше до лесни голови. По нерешениот резултат од 15:15, следуваше одлична серија на Шпанија за водство од 19:15 во 50 минута.

Сепак, иако Шпанија водеше со четири гола разлика, по водството на ,,црвената фурија” од 20:16, селекцијата на Полска со серија од 6:0 направи пресврт во последните минути, го презеде водството и поведе со 22:20. Шпанија на речиси триесетина секунди пред крајот намали на 22:21, но Полска одигра многу искусно во клучните моменти и не дозволи противникот да се избори за реми.

Во последното, 3. коло од групата Д, Шпанија ќе игра против Германија, додека Полска ќе ја предизвика Црна Гора.