Селекторот на женската сениорска репрезентација на Шпанија, Хосе Игнасио го објави конечниот список на играчи за Европското првенство во ноември, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир.
Игнасио за Европското првенство ќе може да смета на искусните Силвија Наваро, Александрина Барбоса, Лаура Гонзалес… па така шпанската селекција сигурно ќе биде еден од главните фаворити за висок пласман. Поголемиот дел од избраните ракометарки настапуваат во шпанската лига.
За разлика од претходните натпреварувања, во таборот на Шпанија нема да ги има Марта Лопез и Пена Нереа. На Европското првенство во 2020 „црвената фурија“ ја освои 9. позиција, додека една година подоцна, односно на Светското првенство 2021 заврши на четвртото место.
Шпанија подготовките за Европското првенство ќе ги започне на 24 октомври. Избраничките на Игнасио ќе тренираат во Аликанде и нема да одиграат контролни натпревари. По неколку дена тренинзи ќе заминаат за Црна Гора каде на 5 ноември ќе го одиграат првиот натпревар, а ривал ќе биде домашната селекција.
Ракометарките на Шпанија освен со Црна Гора ќе играат и со репрезентациите на Полска и Германија во рамки од групата Д. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза од ЕП.