Шпанец ќе ја предводи репрезентацијата на Словачка

Шпанскиот тренер Фернандо Гурих е новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Словачка, откако ја доби довербата од раководството на словачкиот ракометен сојуз.

Новиот селектор на Словачка нема големо тренерско искуство. Од 2017 година беше селектор на машката кадетска репрезентација на Словачка. Во Ракометната федерација на Словачка ја извршуваше и функцијата технички директор.

Селекторската функција ќе биде голем предизвик за 40 годишниот шпански тренер, кој од 2017 година работи во Словачка. Договорот на Гурих со Ракометната федерација на Словачка е на четири години.

Гурих на селекторската позиција на Словачка доаѓа на местото на Петар Кукучка кој беше разрешен поради неуспехот на словачката репрезентација на Европското првенство 2022, на кое Словачка беше еден од домаќините. Словачка на континенталниот собир во јануари заврши на 18. позиција.