Шпанецот на клупата на „орлите“: Не зборувам српски, ама ги знам сите пцовки!

Тони Херона е името кое донесе многу новитети во српскиот репрезентативен ракомет. Србија која по распадот на Југославија една цела декада успеваше да се одржи на врвот на светскиот ракомет, полека почна да паѓа надолу. Многумина се прашуваа што е тоа што толку се промени во српскиот ракомет ако се знае дека Србија продолжи да дава ултра квалитетни ракометари кои се лидери во своите тимови на клупско ниво.

Причината секако ќе ја најдеме во големото его на одредени ракометари, релацијата сојуз-ракометари, а со самото тоа и катастрофалната хемија во репрезентацијата. Србите со години се обидуваа да го најдат човекот кој ќе успее да ги среди тие односи, за да може на површина да излезе квалитетот кој секогаш бил присутен во оваа селекција.

Со назначувањето на каталонецот Тони Херона на клупата, работите полека но сигурно почнаа да се враќаат во нормала. Пред се, се врати атмосферата во националниот тим, а потоа и резултатите, кои даваат голем мотив за добар пласман на престојниот Мундијал во Полска и Шведска.

„Имаме одличен старт на подготовките. Во Пазова се чуствувавме одлично. Времето е добро, ракометарите се подготвени и нестрпливо го очекуваме почетокот на СП. Одигравме две пријателски средби со европскиот првак Шведска. но уверен сум дека доколку сакаме напредок мораме да се натпреваруваме со најсилните. Покрај тоа, настапот на СП е интересен бидејќи носи можност за борба за пласман на Олимписките игри, што е исто така наша цел“:

Покрај горенаведеното, Херона смета дека и карактерот на ракометарите ќе игра голема улога во остварување на зацртаните цели. Српскиот карактер секогаш правел разлика на терен во многу спортови, па Херона се надева дека и на Мундијалот во Полска и Шведска ќе биде така.

„Многу добро го познавам српскиот карактер, уште од моите тренерски почетоци во Барселона. Задоволство ми е што работев со некои од најголемите српски ракометари, кои ми го приближија српскиот дух. Отсекогаш бев импресиониран од нивната страст кон националниот тим, гордоста со која го носат репрезентативниот дрес, и цврсто верувам дека карактерот е нешто што може да направи разлика на теренот“.

Херона одлично се снаоѓа во Србија, и очигледно дека адаптацијата помина без многу проблеми. Тој веќе има омилено јадење и вели дека иако не зборува српски, ги знае сите пцовки.

„Српското печење е фантастично, имав прилика да го пробам во Аранѓеловац, Крагуевац и на многу други места, и секаде е одлично. Српски се уште не зборувам, но ги знам сите пцовки нормално. Имав проблеми со Ѓ, Ќ и Ж, и со имињата и презимињата со овие букви како правилно да ги изговорам“.

Србија својот пат на СП го започнува на 13 јануари против Алжир, потоа на 15 јануари ќе ги одмери силите со Германија, а групната фаза ја завршува на 17 јануари против Катар.