Репрезентациите на Хрватска и Шпанија денеска од 16:30 часот ќе го одиграат големото финале на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска. На теренот во „Теле 2 Арена“ во Стокхолм, во дресот на „фуријата“ ќе се појави 39-годишниот организатор на играта, Раул Ентрериос.
Иако заедно со него во националниот тим има уште неколку ракометари длабоко навлезени во четвртата деценија (Агинагалде, Гвардиола, Кањелас, Сармиенто), тоа не се чувствува во играта.
„Што можам да кажам за Раул Ентрериос, има 39 години, а изгледа и игра како некој тинејџер. Тој понекогаш кажува дека би можел да се пензионира, а се наоѓа во врвна форма и има став за секоја пофалба“, вели за Ентрериос левото крило Анхел Фернандез.
Покрај Душебаев и Фернандез, токму Ентрериос е еден од носечките играчи во нападот на европскиот шампион.