Тимот на Кил во денешното дерби во Бундес лигата против Фуксе Берлин успеа да триумфира со 36:29 (17:15) и ја направи трката за титулата понеизвесна.
Најзаслужен за триумфот во тимот на Филип Јиха беше искусниот голман Никлас Ландин.
Данецот буквално ги откажа ,,лисите” и дуелот го заврши со дури 24 одбрани, додека во таборот на Фуксе Берлин, екс голманот на Вардар, Дејан Милосављев имаше девет одбранети удари.
Кај Кил се истакнаа Ерик Јоханесон и Домагој Дувњак со осум, односно шест погодоци.
Најефикасен кај Фуксе Берлин беше репрезентативецот на Црна Гора, Милош Вујовиќ, шест пати се запиша во листата на стрелци.
Сега практично пет клуба се во игра за трофејот во Бундес лигата и најверојатно до последното коло нема да се знае кој тим ќе биде победник во најквалитетната лига на светот.
Актуелен лидер на табелата е Фуксе Берлин Берлин, а потоа следуваат Кил, Рајн Некар, Магдебург и Фленсбург.