Во рамките на последното коло од групната фаза, во група Г, Египет загуби од репрезентацијата на Шведска со 24-23 во дуелот за првата позиција. Шок за домаќините на Мундијалот, ако се знае дека Шведска допатува во Каиро без шест стандардни репрезентативци. Египет имаше водство во поголем дел од натпреварот, но финишот им припадна на викинзите кои успеаа да ја задржат минималната разлика и со четири бода преминуваат во главната фаза од натпреварување.
Египет од самиот почеток ја презема иницијативата и резултатската контрола, по првите пет минути имаше минимална предност која во средина на првото полувреме се зголемија на „плус три“, а во 24. минута ги достигна највисоките четири, 7-11. Разлика која ја одржуваа до самиот крај на полувремето. Шведска успеа во последниот напад да ја намали предноста на Египет на само три, и на пауза заминаа со резултат 12-9.
Вториот дел продолжи во истиот ритам, но по низа грешки и исклучувања во составот на Парондо, Шведска комплетно се врати во игра. Во 41. минута од контра-напад Швеѓаните го израмнија резултатот на 16-16. Агресивната игра во одбрана и малата повреда на најдобриот поединец Јахја Омар го наруши ритамот на Египет, а тоа во 45. минута и донесе прво водство на Шведска. Одличните Швеѓани на осум минути пред крај имаа шанса од контранапад да поведат со два гола, но Хендави ја прочита намерата на Петерсон и им даде нова надеж на Еѓипќаните.
Затоа Персон во следниот напад по грешката на Египет го поправи тоа што го промаши Петерсон за првите два гола разлика на овој дуел за Швеѓаните. Се обидуваа избраниците на Парондо со брзи напади да се вратат во игра, но при брзањето грешеа па им дозволија на викинзите и напад за три разлика, кој Шведска не го реализираше.
Казната стигна на спротивната страна, а по две минути тоа значеше изедначување на резултатот. Персон повторно ја врати надежта на Шведска и го врати водството на својот тим, на минута до крај. Во драматична завршница Египет го имаше последниот напад кој траеше цела минута. Но ниту долгиот напад ниту советите на Парондо на тајм аутот не вродија со плод, па на крајот Шведска беше репрезентацијата која слави важни бодови во битка за светскиот трон. По шеесет одиграни минути на семафорот остана запишан првиот пораз за Египет од 23-24.
Шведска и Египет заедно со Македонија одат во следната фаза, во која ќе се соочат со Словенија, Русија и Белорусија.