Шок за Ростов, Лекиќ и Цвијиќ со победа кај Радичевиќ

Ракометарките на Ференцварош приредија изненадување во женската Лига на шампиони и ја совладаа екипата на Ростов на гостински терен со 19:20. Клучен сегмент од играта беше добрата одбрана на гостинките која беше најзаслужна за победата.

Во првиот дел Ростов постигна само осум гола, а во перидот од 10. до 24. минута немаше реализација. На полувреме Ференцварош имаше три позитива од 8:11 и до крај на дуелот издржа и стигна до голема победа.

Борусија Дортмунд имаше одлично издание и на домашен терен изненадувачки ја совлада екипата на Брест со 30:27. Особено во првиот дел домашниот тим имаше одлична игра кога водеше 15:9 водство кое до крај го сочува.

Подравка загуби на домашен терен од ЧСМ Букурешт со 31:36, а на полувремето беше 15:16. Исто така и екипата на Крим оствари гостинска победа и славеше на гостувањето кај Кастамону со минимални 23:24, а по првиот дел беше 9:12.

Некогашните вардарки имаа меѓусебен дуел. Лекиќ даде еден, а Цвијиќ два за Крим, додека Радичевиќ постигна пет за Кастамону.