Амбициозниот тим на Охрид на полусезоната ќе остане без турскиот репрезентативец Халил Озтурк, откако плејмејкерот ненадејно реши да замине во францускиот второлигаш Трембле.
Иако имаше договорот до крајот на сезоната со охриѓани, Озтурк направи некоректен потег и пред стартот на разигрувањето за титулата посака да замине од клубот, иако сите обврски кон него се исполнети. Тој решил да ја активира клаузулата која ја ставил во договорот при доаѓањето во клубот, дека може да замине со одредено обештетување што треба да му се плати на Охрид.
Озтурк дојде во Македонија минатото лето, заигра за Металург, но на полусезоната се пресели во Охрид. Во регуларниот дел од оваа сезона беше меѓу најважните играчи во ростерот на Горан Андоновски и меѓу најдобрите стрелци.
Претходно турскиот среден бек настапуваше за Спор Тото, а сега оди во второлигашот Трембле, каде што настапува екс членот на Еурофарм Пелистер, Јосип Божиќ Павлетиќ. Трембле стартуваше амбициозно во Втората лига и ќе се бори за место во елитата.
Охрид на средната бековска позиција го има Црногорецот Владан Кастратовиќ, а таму може да покрие и Даниел Андоновски.