Екипата на Металург во полуфиналето од Купот на Македонија во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци го елиминираше бранителот на титулата, Куманово, со резултат 21:25. Металург за финале се избори со подобрата игра во последните петнаесетина минути од натпреварот, кога со серија од 9:1 направи комплетен пресврт, вреден за победа и финале по осум години.
По израмнетиот почеток во воведниот дел, во кој двете екипи се менуваа во водство, екипата на Александар Бојковски, прва се одлепи на поголема разлика од еден гол, кога со два погодоци на Кипријановска дојде до водство од 5:3. Кумановки во неколку наврати не искористија ситуација со ракометарка повеќе и им дозволија на ракометарките на Металург да намалат на минус еден, 6:5.
Екипата од Автокоманда влезе во серија на технички грешки, додека Куманово со посилно темпо и подобри организирани напади, кон крајот на првата половина на првиот дел дојде до највисоко водство од плус три, 9:6. По водството на Куманово од 10:7, ракометарките на Јулијана Дамчевска предводени од Амра Илјаз меѓу стативите и Младеновска во играта, на пет минути пред крајот на првите 30 минути направија камбек и го израмнија резултатот на 10:10. По неколку нереализирани напади за водство на Металург, Куманово обезбеди два гола предност на полувреме, 12:10.
Во второто полувреме, односно во 35 минута, екипата на Куманово повторно дојде до најголемата предност од три позитива, 14:11. Металург никако не можеше да направи чекор плус и да се врати во игра, а притисокот за анулирање на резултатската негатива беше се поголем и поголем. По десет минути игра во второто полувреме резултатот беше 17:14 за Куманово.
Иако, Куманово во 45 минута дојде до највисока предност од четири гола разлика, 18:14, по тајм-аутот на Дамчевска, нејзините избранички со серија од 5:0 конечно направија комплетен пресврт, поведоа со 19:20. Илјаз повторно се разбрани во завршниот дел и на крилата на нејзините одбрани Металург на седум минути обезбеди два гола предност, 19:21, а во 25 минута дојде и до плус три, 19:22. Кумановки не успеаја да направат нешто повеќе во последните пет минути и мораа да се помират со елиминацијата.
Прв стрелец во победничката екипа беше Ива Младеновска со 10 погодоци. Во поразениот табор најефикасни беа Јована Кипријановска со девет и Наташа Нолевска со шест погодоци.
Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат Ѓорче Петров и екипата на Чаир, која ќе се бори за најголемиот клупски успех.