Екипата на Вардар, која во новата натпреварувачка сезона настапува со променет состав, но и со нов тренер, во првото коло од новата сезона во домашниот шампионат успеа да триумфира против вицепрвакот Куманово со 23:21 (11:11).
Во првиот дел се играше доста изедначено и најчесто резултатот беше нерешен. И двете екипи имаа свои моменти, но и падови во дерби дуелот, кој беше одигран во Куманово. Екипата предводена од Александар Царчев во првите 30 минути беше првата екипа која успеа да се одлепи на поголема разлика од еден гол.
Вардарки во воведниот дел поведоа со 4:2, но по тајм-аутот на Драгана Ристова, составот на Куманово со серија од три гола дојде до 5:4, но до крајот на првото полувреме немаше поголема промена на резултатот, па така на пауза се замина со нерешен резултат, 11:11.
Голема борба имаше и во вториот дел, во кој „црвено-црните“ за нијанса беа подобри. Вардар во еден момент дојдоа и до 19:16 и од готово направи вересија, бидејќи домашната екипа со три гола во низа го израмни резултатот на 19:19. Екипата на Царчев во последните десет минути беше повеќе сконцентрирана. Со двата гола на расположената Стефаноска од 21:21 дојде на 23:21 и победнички ја започна новата сезона во Женската лига, во која нема истакнат фаворит за шампионската титула.
Најефикасни во победничката екипа беа Сара Стефаноска со шест, Ивона Трпевска со пет и Бојана Коцева со четири погодоци. Во поразениот табор се истакна Алмеида Коста Андреза, која постигна 11 погодоци, недоволни за поволен резултат.