ШОК за „кралиците на шокот“: Мичијевиќ ќе го пропушти Европското првенство!

Репрезентацијата на Хрватска, која ќе учествува на Европското првенство на кое Македонија ќе биде еден од домаќините, ќе настапи без една од најдобрите ракометарки, левиот бек Ќамила Мичијевиќ. Ракометарката на Мец пред извесен период направила операција на десното колено, а според прогнозите од лекарскиот тим, Мичијевиќ ќе паузира осум до девет месеци.

За Мичијевиќ тоа значи дека ќе го пропушти Европското првенство 2022, кое ќе се одржува во Македонија, Словенија и Црна Гора во периодот од 4 до 20 ноември, како и Светското првенство во 2023 година доколку нејзината репрезентација обезбеди пласман. Мичијевиќ ќе ги пропушти и најголемиот дел на натпреварите од Лигата на шампионите и францускиот шампионат.

Во Мец на левата бековска позиција единствено настапува Тамара Хорачек. Според најавите од францускиот клуб, во следниот период ќе треба да се најде дополнителна замена за Мичијевиќ. Хрватската репрезентативка во изминатата сезона во Лигата на шампионите беше една од предводничките на Мец, кој настапот во елитното клупско натпреварување го заврши со освоеното трето место.

Селекторот на репрезентацијата на Хрватска, Ненад Шоштариќ, на позицијата лев бек ќе ги има на располагање Лариса Калаус, Ивана Дежиќ и Тена Петика. Стручниот штаб на „коцкестите“ ќе треба да одлучи дали ќе повика уште некоја ракометарка на левата бековска позиција за Европското првенство во ноември.

Хрватска на Европското првенство 2022 ќе игра во групата А. Противници во групната фаза на Хрватска се репрезентациите на Норвешка Унгарија и Швајцарија. Најдобрите три репрезентации ќе обезбедат пласман во главната фаза.