Полскиот Келце ги живее најтешките денови во својата историја, откако главниот спонзор пиварницата „Ломза“ реши да се повлече од клубот, па така сѐ уште не е познато во кој правец ќе се движи поранешниот европски шампион.
Финансиските проблеми на Келце може наскоро уште повеќе да земат замав, па така најголемиот број на играчи иако имаат долгорочни договори со полскиот шампион, сепак, со соодветна оштета можат да се преселат во другите европски клубови.
Според информациите на радио ,,Келце” Талант Душебаев и неговите синови, десниот бек Алекс Душебаев и левиот бек Даниел Душебаев имаат понуда од актуелниот шампион на Унгарија, ПИК Сегед.
Доколку не се реши финансиската состојба во некогашниот европски шампион од сезона 2015/16, најверојатно Талант со неговите синови ќе ги засилат редовите на ПИК Сегед, кој во последните две сезони е шампион на Унгарија.
За потсетување, во текот на месец ноември минатата година, од раководството на ПИК Сегед објавија дека во сезона 2023/24 клубот ќе има нов тренер, бидејќи соработката со актуелниот тренер Хуан Карлос Пастор, како и со помошниот тренер Марко Кривокапиќ, нема да биде продолжена. Кризата на финансиски план во Келце е одлична можност ПИК Сегед да профитира и да го засили стручниот и играчкиот кадар.
Талант Душебаев уште пред крајот на минатата година имаше апели за да им се помогне и Келце да опстанe како клуб.
„Има многу клубови кои ќе ме ангажираат веднаш, секој од играчите ќе најде клуб за кратко време. Не сакаме да го правиме ова, но ни треба помош. Ми се јауваат од Сантандер, од Сиудад Реал, каде што порано имаше големи клубови со кои ја освоив Лигата на шампионите. Можеби тие никогаш повеќе нема да бидат клубови на европско ниво. Ние имаме тим кој може да биде на Ф4 во Лигата на шампионите во следните сезони и да го освои трофејот“, изјави Душебаев.
Келце е еден од најдобрите клубови во историјата на полскиот ракомет. Овој клуб освои 19 титули во шампионатот, 7 трофеи во Купот на Полска, како и една титула во Лигата на шампионите во сезоната 2015/16.
МВП играчот од минатиот Ф4 турнир од Лигата на шампионите, кружниот напаѓач Артем Каралек е голема желба на европскиот шампион Барселона, која го посакува во своите редови за следната сезона, додека останатите играчи сигурно ќе имаат богати понуди од европските гиганти.