По ремито против Бразил, кое лесно можеше да биде и пораз, олимпискиот првак Русија доживеа уште поголемо разочарување во второто коло на Олимписките игри во Токио.
Избраничките на Алексеј Алексеев беа совладани со изненадувачки висока разлика од селекцијата на Шведска, 36-24.
Русинките водеа само на стартот преку Манагарова, а потоа се играше гол за гол до 4-4. Шведска првата серија ја направи за предност од 8-4, а до крајот на првиот дел полн со грешки од двете страни, скандинавскиот тим имаше плус шест, 15-9.
Во вториот дел комплетно се распадна играта на руската репрезентација. По 18-11 за Шведска, Ведјохина и Манагарова за кратко вратија надеж со головите за 18-13, но тоа беше се.
Швеѓанките не попуштаа во темпото и сакаа да го понижат противникот. На крајот убедлива победа со 12 гола разлика, 36-24. Стромберг даде осум гола, а Робертс седум за Шведска, додека Ведјохина постигна четири за Русија.