Претседателот на ракометната федерација на Русија, Сергеј Шишкарев, за домашните медиуми го коментираше настапот на Русија на Светското првенство во Египет
Тој го прокоментира и односот на некои ракометари кои имаа несериозен пристап кон настапите во дресот со националниот грб.
„Резултатот против Шведска од 20:34 значи дека заостануваме десет години од такви тимови како Шведска во машки ракомет. Покрај тоа, Швеѓаните на првенството допатуваа без девет главни ракометари од првиот состав, сепак имаа достојна замена на секоја позиција. Ние ги победивме Словенците, ремизиравме со Белорусите, а Швеѓаните одиграа две нерешени средби со споменатите репрезентации“, изјави Шишкарев за ТАСС.
За време на натпреварот помеѓу Русија и Шведска, селекторот на Русија, Велимир Петковиќ, за време на тајм-аутот во првиот дел им се обрати на своите избраници да се борат како мажи без разлика на резултатот. Шишкарев беше бесен кон несериозноста на некои ракометари и поради нивната бледа игра. Најголемата кривица падна на Дмитри Житников.
„Нашиот тренер на тајм-аутот во првиот дел им рече – Може да изгубите, но борете се како мажи. Па, кои беа нашите мажи? Косоротов, Котов, Василев… Каде се останатите мажи? Ги понижуваат, а Житников како дете се смееше. Наместо да има животински порив за борба, да има гнев, тој имаше детска насмевка“, додаде Шишкарев.
Русија на Светското првенство во Египет се пласира на 14-то место.