Екипата на Охрид во сабота ги започнува настапите во Купот на Македонија. Прв противник за избраниците на Горан Андоновски ќе биде тимот на Младост од Богданци, кој се натпреварува во Првата лига.
Десниот бек на охриѓани, младиот Никола Шипинкоски, вели дека тие се фаворити и треба тоа да го оправдаат.
„Напорно тренираме и се подготвуваме за натпреварот со Младост. Треба да влеземе во натпреварот сериозно и максимално фокусирано и да ја оправдаме фаворитската улога. Младост е комбинирана екипа во која има млади ракометари желни за докажување, потпомогнати од неколку искусни играчи. Со добра одбрана, лесни голови од контра и полу-контра мислам дека ќе го добиеме натпреварот. Дуелите како овој за нас помладите се многу значајни за стекнување искуство и добивање самодоверба“, изјави Шипинкоски.
Натпреварот помеѓу Охрид и Младост се игра во сабота, 10 декември, во спортската сала „Билјанини извори“ со почеток од 17:30 часот.