Сезоната во македонскиот машки клупски ракомет се ближи кон самиот крај. Откако изминатиот викенд го дознавме победникот во Купот, викендов многу појасни можат да станат работите околу тоа кој ќе биде шампион, а кој последен ќе обезбеди виза за Европа.
Екипата на Охрид која, заедно со Тиквеш, е во битка за последното место кое носи во европските купови, во сабота го пречекува Еурофарм Пелистер, кој пак на две кола до крајот е најблиску до шампионскиот пехар.
Десниот бек на охриѓани, Дејан Шешиќ, вели дека како и на секој натпревар, така и на овој ќе дадат се од себе, ќе се обидат да направат изненадување и да слават против фаворитот и бодовите да останат во Охрид.
„Најпрво очекувам домашната публика да дојде во што поголем број бидејќи пред нас е еден голем и важен натпревар, а нивната поддршка секогаш е добредојдена, тие се нашиот осми играч на натпреварот. Покрај полна сала очекувам борба до самиот крај како што имавме на сите натпревари на домашен терен, не дозволивме да бидеме надиграни, и овој пат нема да биде така. Ќе го оставиме срцето на терен и ќе одиме на победа. Ќе имаме поголем мотив и во тоа што доколку победиме ќе можеме уште во претпоследното коло да ја одлучиме битката за последното место за Европа“, изјави Шешиќ.
Дуелот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер се игра во сабота, 20 април, во спортската сала „Билјанини извори“, со почеток во 20:00 часот.