По воведниот драматичен триумф над Бахреин, селекцијата на Шведска ја забележа и втората победа на Олимписките игри во Токио. Избраниците на Глен Солберг славеа против домаќинот Јапонија со 26-28, откако „самураите“ пропуштија шанса за реми во финишот.
На стартот скандинавците отворија со предност од 2-5, па 3-6, но упорните Јапонци преку Токуда стигнаа до првото израмнување, 8-8, а со голот на Баг дури и водеа со 10-9. Следуваше период на игра гол за гол до 13-13.
Тогаш на сцена стапија крила Екберг и Ване, па Шведска во финишот на првиот дел се одлепи на плус три, предноста што веќе ја имаше, 13-16. На пауза се замина со резултат, 14-17.
По десетина минути во вториот дел Шведска водеше со 16-22, а таквата предност ја одржуваше се до финишот на мечот. По 23-27 на седум минути до крајот Јапонија намали на 26-27, доби напад и за реми, но беше досуден престап.
Швеѓаните во последниот напад беа под пасивност, но Ване ја реши ситуацијата и ја потврди втората победа на светскиот вицепрвак. За Јапонците немаше време постигнат гол и мечот заврши 26-28.
Кај Јапонија се истакна Мотоки со шест гола, додека кај Шведска најдобар стрелец беше Ване со осум погодоци, а голманот Агерфорс собра 12 интервенции.