Швеѓаните на чекање до понеделник, од новите тестови зависи дали ќе одат во Египет

Селекцијата на Шведска која е меѓу учесниците на Светското првенство од пред два дена се наоѓа во незгодна ситуација бидејќи ракометарите мораа во карантин откако еден играч беше позитивен на Ковид 19.

Сите играчи се во изолација во хотел и никој не смее да го напушта до понеделник. За понеделник е најавено ново тестирање, па доколку резултатите на тестот бидат негативни играчите ќе се вратат на тренинзите.

Нешто кое задава грижи е дека првиот натпревар за Шведска на СП е следниот четврток што значи и само два тренинзи до првиот дуел така што репрезентацијата нема да биде подготвена на потребното ниво.

Тоа сигурно ќе создаде проблеми и ќе мора да се одговори адекватно. Сите се надеваат дека нема да има нови позитивни и дека ќе биде потребна само една замена, но останува до понеделник да се биде во неизвесност и да се почекаат резултатите.

„Ова влијае многу на нас. Требаше да имаме два натпревари и уште неколку тренинзи, но сето тоа сега е пропуштено. Имаме уште помалку од една недела за да се подговиме, но ние уште сме во карантин. Ова е тешка ситуација. Сите имавме прегледи во тимовите и бевме негативни. Сепак, мораме да се соочиме со ситуацијата и  да се обидеме да се подготвиме колку е можно подобро. Засега се надеваме дека ќе биде сè во најдобар ред и во понеделник ќе знаеме што не очекува“, вели капитенот на Шведска, Глен Солберг.

Швеѓаните ги одложија дуелите против Црна Гора бидејќи позитивен на корона беше Антон Линдског.

Информациите од Шведска говорат дека тој се заразил околу Нова година, а медиумите од оваа земја информираат дека тој бил невнимателен во подготовките иако внимавал во контактите со други луѓе.

Нема информација со кој играч бил цимер, но засега е познато дека тој е под истите карантински услови како и другите ракометари од репрезентацијата.

Инаку, во Шведска засега не размислуваат за откажување од настап на Светското првенство.

„Правиме сè што можеме за да играме на Светското првенство. Ќе се потрудиме да ги надминеме сите проблеми и да имаме репрезентација која ќе игра на шампионатот во Египет“, вели менаџерот на националниот тим на Шведска, Хана Фогелстром.

Веќе е познато дека доколку некоја репрезентација се откаже од настап на Мундијалот тогаш Македонија е прва резерва и веќе е јасно дека момците се подготвени за да настапат на овој шампионат.