Репрезентацијата на Шведска одигра само нерешено против Чешка со 27:27, а со освоениот бод Швеѓаните патуваат во главната фаза на Европското првенство, додека Чешка се враќа дома.
Во првото полувреме имаше надигрување и постојана промена на резултатот. Ниту една од двете репрезентации не успеа да се одлепи на поголема разлика од два гола во првите 30 минути. Швеѓаните кон крајот на првата половина од првиот дел, па сѐ до 20. минута одржуваа позитива, која беше изразена со два гола, водеа со 7:5, 8:6 и 9:7.
Чешка преку Пацел и Пирох израмни на 9:9 и резултатски беше во игра до крајот на првото полувреме, кое заврши со минимална предност за репрезентацијата на Шведска со резултат 12:11.
Во второто полувреме се влезе во изедначена борба и бркотница низ теренот. Шведска успеа да искористи дел од грешките на Чешка и на дваесетина минути пред крајот обезбеди плус три, 19:16.
Иако, избраниците на Глен Солберг во последниот дел влегоа со предност од 23:19, сепак, Чесите со серија од 3:0 се вратија во игра и изедначија на 23:23.
Драмата се одвиваше до последната секунда. Шведска секогаш на тежок начин успеваше да дојде до гол предност. Во последната минута, ракометарите на Шведска имаа 27:26, а на триесетина секунда пред крајот Чешка преку Бабак израмни на 27:27.
Во останаите петнаесетина секунди последниот напад од страна на Шведска не беше реализиран. Чешка имаше голема шанса да дојде до триумф, но во последниот напад, Франц ја испушти топката. Тоа значеше крај на натпреварот и голема радост во редовите на шведската репрезентација.
ЕП 2022, ГРУПА Е – ТАБЕЛА