Репрезентацијата на Шведска со триумфот против Словенија од 33:22 обезбеди пласман во главната фаза на Европското првенство 2022. Шведска во претходното коло беше подобра од Србија и со денешниот триумф против Словенија на свое конто собра четири бодови, доволни за место меѓу најдобрите 12 репрезентации на континенталниот собир.
Скандинавската селекција уште од самиот почеток беше во водство и стекнатата предност ја одржуваше до првото полувреме. Мечот тргна со водство на Шведска, која по пет минути игра имаше 3:0. Избраничките на Драган Аџиќ по лошиот почеток за момент се консолидираа и со серија од 3:0 го израмнија резултатот (3:3), но Шведска, исто така возврати со иста мера и со три гола во низа повторно дојде до ,,плус три” и водство од 6:3.
Следуваше период, во кој Шведска ја имаше контролата на резултатот, во неколку наврати водеше со три до четири гола разлика и по водството од 10:7, ракометарките на Словенија во 20 минута се вратија во игра, откако израмнија на 10:10 и најавија интересен финиш од првото полувреме. Словенија на речиси пет минути пред паузата го презеде водството и за првпат поведе со 12:11, но не успеа предноста да ја сочува до крајот на полувремето, па така селекцијата на Шведска по 30 минути игра имаше минимално водство од 14:13.
Шведска во вториот дел влезе постабилно, ги казнуваше грешките на Словенија, се разиграа и останатите ракометарки од бековските позиции и избраничките на Томас Акснер во 40 минута имаа активен резултат од 23:16. Во тој момент беше скршен отпорот на амбициозната Словенија, која до крајот немаше сили за камбек. Ракометарките на Шведска во 45 минута имаа предност од 26:17 и рутински го воеда натпреварот до убедлива победа со 11 гола разлика.
Најефикасни во Шведска беа Натали Хагман со девет и Јасмина Робертс со осум погодци. Ана Грос во поразената селекција беше најефикасна со пет реализации.
Во последното коло од групата Б ќе имаа скандинавски и балкански двобој. Шведска ќе игра против Данска, додека Словенија против Србија.