Шведска ги реши ,,рибарите“ и си обезбеди четвртфинале!

Во дербито на вечерта од главната фаза во Скандинавиум Арена, домаќинот Шведска славеше во скандинавското дерби над Исланд со 35-30  (17-16) и го завери пласманот во четвртфиналето на Светското првенство. Ова беше петта победа од исто толку натпревари за домаќинот кој успешно чекори кон нов голем резултат на Мундијалите.

Во вториот натпревар вечерва Полска забележа триумф над Црна Гора со 27-20 (11-8). Домаќинот имаше константно водство кое не беше загрозено во ниту еден момент од страна на Црна Гора, со што успеа да стигне до втор триумф на Мундијалот.

Шведска-Исланд 35-30 (17-16)

Првото полувреме помеѓу скандинавските ривали донесе атомски ракомет полн со пресврти. Почетокот на мечот им припадна на домаќините кои преку Дарј и Пелас поведоа со 3-0. На самиот почеток видливо беше отсуството на најдобриот исландски ракометар Арон Палмарсон, но како одминуваше времето исланѓаните успаа да го фатат својот ритам. Шведска цели 19 минути успеваше да одржува константна позитива помеѓу 2 и 3 голови разлика, но упорните исланѓани немаа намера да се предадат. Иако цели 20 минути го чекаа својот голман Халгримсон да дојде до својата прва интервенција, сепак ја пронајдоа својата игра во нападот и го свртеа натпреварот во своја корист. Најпрво Рихардсон израмни на 11-11  во 20.минута, а Видарсон и Елисон со два гола ја комплетираа серијата од 4-0 за Исланд која им донесе водство на ,,рибарите“ од 11-13.  Оваа предност ракометарите на Гудмунсон успеаа да ја зачуваат до 25.минута. Шведскиот тренер направи рокада во својот состав давајќи му шанса на ракометарот на Алборг, Клар кој го замени Готфридсон. Токму Клар со 3 погодоци и асистенција беше предводникот на Шведска кон нова серија 4-0 со која домаќините го вратија водството 16-15. До крајот двете репрезентации ја погодија мрежата на противникот и на полувреме се отиде со резултат 17-16 за домаќинот.

Шведска силовито го започна вториот дел. На крилата на искусното трио Екберг, Готфридсон и Паличка по само десетина минути стигна до највисоки +5  (22-17). Исланѓаните нешто слично како и во првиот дел се обидоа да се вратат во игра, и најмногу што успеаа да направат е да се приближат на -2 (25-23). Шведска го имаше Паличка на голот а тоа обично значи сигурен триумф за домаќините. Во продолжение швеѓаните направија серија од 5-1 со која стигнаа до највисоко водство од 30-24 со што и комплетно го скршија отпорот на упорните Исланѓани. На крајот убедлив триумф од 35-30  за  продолжување на максималниот ефект и пласман во четвртфиналето.

Најпрецизен кај Швеѓаните беше Пелас со седум, а еден помалце имаше Екберг со шест. Извонредниот Паличка на голот имаше 11 интервенции и беше прогласен за ракометар на натпреварот. Кај Исланд најпрецизен беше Елисон со осум гола.

Во следното коло кое е на програмата во недела, Шведска ќе ги одмери силите со Португалија, додека пак Исланд ќе игра со Бразил.