Поранешната членка на репрезентацијата на Шведска, Изабел Гулден е на добар пат да биде ново засилување во екипата на Савехоф, пишува „Göteborgs-Posten“.
Шведскиот првак има големи амбиции за следната сезона во Лигата на шампионите. Клубот пред неколку денови ја ангажираше репрезентативката на Шпанија, Кармен Мартин, а во Савехоф се најавени неколку потенцијални засилувања.
Меѓу имињата како нови засилувања се споменува Изабел Гулден. Искусната ракометарка моментално настапува за Вајперс Кристијансад, а претходно го носеше дресот на Брест Бретањ, ЧСМ Букурешт, Виборг и Савехоф.
Со романската екипа ЧСМ Букурешт ја освои Лигата на шампионите во сезона 2015/16. Својата клупска кариера ја стартуваше во Савехоф, екипа во која што најверојатно и ќе ја заврши својата богата кариера. Гулден за репрезентацијата на Шведска забележа 224 официјални настапи и постигна 846 голови. Својата репрезентативна кариера ја заврши во 2020 година.