Селекцијата на Швајцарија е многу блиску до пласман на Европското првенство 2024 година, откако славеше на гостувањето кај Грузија со 26-19. За математичка потврда на пласманот, утре ќе треба Унгарија да слави против Литванија.
Шмид и неговите колеги се помачија во првиот дел, но во финишот на полувремето направија серија за 14-10 на пауза. Во второто полувреме само ја одржаа и зголемија предноста до конечен триумф.
Голманот на Охрид, Зураб Цинцадзе собра седум одбрани, додека Хазеин Рустамов даде два гола. Кај Швајцарците, соиграчот на Кузмановски во Вецлар, Лени Рубин, беше најдобар со шест гола.
На табелата Унгарија е прва со осум бода и меч помалку, Швајцарија е втора со шест, а Грузија останува трета со два бода.
Романија испушти златна шанса на домашен терен против Австрија да се најде чекор поблиску до ЕП и загуби со 35-30. Четата на Чави Пасквал водеше во првиот дел, но попушти во финишот на полувремето, 19-17, а второто полувреме мина во комплетна доминација на момците на Алеш Пајовиќ.
Кај Романците се истакнаа Нистор со седум гола, Хумет со шест и Кудуз со пет погодоци, додека кај Австрија водечки стрелци беа Билик со седум и Живковиќ со шест гола.
На табелата сега Австрија е прва со десет бодови и нема шанси да биде престигната од никој, втора останува Романија со четири бода, но Украина и Фарски Острови со по два бода играат меѓусебе и некоја од овие две селекции може да се израмни со Романците.